Паралелно со протестот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, иселеници од Македонија во Италија вчеравечер одржаа собир против Владата на Зоран Заев пред македонската црква во Неиве.

„Не сме под Ајфеловата кула, на ‘Трокадеро’, не сме пред Брандебуршката порта, ниту во некој град со звучно име како Лондон, Женева, Брисел, но тоа не значи дека сме помалку важни. Македонците од прекрасниот Регион Пиемонте во Италија се секогаш до своите, со поддршка, со присуство кога е можно и секогаш со мисла за нашата Македонија.
Некои отидоа да го поддржат антивладиниот протест во Скопје, а ние другите излеговме овде. Канели, Неиве, Алба, Ница или Асти, каде и да сме, секогаш дел од случувањата во Македонија.
Истовремено со македонскиот народ во Скопје, се собравме пред македонската црква во Неиве со единствена цел – да му порачаме на Заев дека му се ближи крајот и многу скоро ќе мора да се соочи со стварноста, со македонскиот народ. Многу истрпевме, посебно во последнава година, многу понижувања, навреди и омаловажувања на сè што е македонско, но чашата се преполнува. Македонската дијаспора ги чувствува болките на татковината и е секогаш тука за помош.
Нашата генерација виде како се раѓа независна Македонија, растевме заедно со неа и нема да ја изгубиме!“, напиша претседателката на Здружение „Камен мост“, Илона Захариева, на својот профил на „Фејсбук“.