Македонците од Малта ја напуштиле средбата со Заев!

Претставниците на Македонска заедница во Малта предвреме ја напуштиле средбата со премиерот Зоран Заев, кој е во дводневна посета на островската земја, поради дијаметрално спротивните ставови со него за името, за Уставот и за Законот за употреба на јазиците.

„Во текот на средбата, ние, преставниците на Македонската заедница во Малта, ги потврдивме нашите ставови дека цврсто стоиме против промена на уставното име на Република Македонија, уставот и против законот за двојазичност, а неуморно работиме кон промовирање на Македонската кауза и заштита на македонскиот идентитет. Од причина што не наидовме на заеднички ставови при темите на разговор, ние, преставниците на Македонската заедница во Малта, одлучивме дека е излишно да се продолжи разговорот кога е повеќе од очигледно дека двете страни застапуваат два сосема различни ставови и притоа предвремено ја напуштивме средбата“, објаснуваат тие на својата страница на „Фејсбук“.

Македонската заедница во Малта, која организирано делува веќе 2,5 години и има над 5.000 членови, искажала и незадоволство што кусата средбата на барање на Заев не се одржала во нејзините нови простории, со кои сакала да се легитимира како влијателен претставник на Македонците во земјата-членка на Европска унија. 

На нивното барање одговор од премиерот на протестното писмо што му го врачија на министерот без ресор одговорен за дијаспората Едмонд Адеми при неговата посета на Малта во март, Заев им потврдил дека го добил писмото и им рекол: „Протестирањето и различното размислување се демократско право на секој човек и затоа постои дебата“.