Македонците петти меѓу натурализираните Австријци годинава

Во првата половина од годинава 271 апликант со потекло од Македонија добил австриско државјанство, со што Македонија се најде на петтото место меѓу земјите од кои доаѓаат најголемиот број натурализирани Австријци.

Пред Македонија се Босна и Херцеговина со 577 или 11 проценти, Турција со 459, Косово со 319 и Србија со 316. Од овие пет земји доаѓаат речиси две петтини, поточно 1.942 лица или 39 отсто од новопечените Австријци.

Од земјите-членки на Европска унија австриски пасош во наведениот период добиле 1.090 лица, а предничат Романците (256), Хрватите (152) и Унгарците (138).

Една третина од природените Австријци, чиј број во првите шест месеци од 2018 година достигна 5.045, што е за 7,5 отсто повеќе од лани, се родени во алпската држава.

Околу 54 проценти од натурализираните се жени, а 35 отсто деца под 18 години.

Повеќе од половина од сите натурализации (58 проценти или 1.445 луѓе), се должат на исполнувањето на условот за најмалку шестгодишен престој во Австрија, 390 лица добиле државјанство врз основа на брак со Австриец итн.

Најголем раст на натурализациите бележи покраината Долна Австрија (43 проценти), следува Бургенланд (38 отсто), па Форарлберг (15 отсто), Кернтен (14 отсто), а во плус се и Тирол (9 отсто), Виена (7 отсто) и Горна Австрија (4 отсто). Драстичен пад има во Салцбург (-43 проценти), како и во Штаерска (-11 отсто).