Македонија близу просекот во ЕУ за струја од обновливи извори

Со една четвртина, поточно 24,1 проценти, од произведената електрична енергија од обновливи извори, Македонија е блиску до просекот во Европска унија од 29,6 отсто, покажуваат податоците на Евростат објавени денеска, а се однесуваат на 2016 година.

Лидер во Унијата во овој поглед е Австрија со 72,6 проценти, втора е Шведска со 64,9 отсто, а трета Португалија со 54,1 отсто.

Македонија подобро стои од Грција (23,8 отсто), Словачка (22,5 отсто), Франција (19,2 отсто), Бугарија (19,2 отсто), Литванија (16,8 отсто), Белгија (15,8 отсто), Естонија (15,5 отсто), Чешка (13,6 отсто), Полска (13,4 отсто), Холандија (12,5 отсто), Кипар (8,6 отсто), Унгарија (7,2 отсто), Луксембург (6,7 отсто) и Малта (5,6 отсто).

Од земјите што не се членки на ЕУ неприкосновена е Норвешка со дури 104,7 проценти, што значи дека произведува повеќе струја од обновливи извори отколку што троши, а над сите 28 членки на ЕУ се и Исланд со 95,3 отсто и Албанија со 86 отсто. Црна Гора се искачи на 51 отсто, а Србија на 29,3 отсто.