Македонија и Бразил со ист број фудбалери во Прва лига на Хрватска

Иако не беше ни блиску до пласман на мундијалот во Русија, Македонија може да се пофали со ист број фудбалери како петкратниот светски шампион Бразил во Прва лига на новиот планетарен вицепрвак, во која во новата сезона ќе имаат по шест играчи.

Тие го делат третото место, зад Босна и Херцеговина со 18 и Шпанија со седум, а зад нив се Австрија и Нигерија со по пет, Албанија, Аргентина и франција по четири, Австралија, Црна Гора, Косово, Полска и Србија по три, Гана, Унгарија, Германија, Романија и Словенија по два итн.

Од Македонија во Прва ХНЛ во сезоната 2018/2019 ќе настапат Аријан Адеми за Динамо Загреб, Мирко Ивановски за Хајдук, Дарко Велковски и Леонард Жута за Риека, Музафер Ејупи за Осиек и Агрон Руфати за Истра 1961.

Македонија е трета по бројот на фудбалери и во историјата на Прва ХНЛ со вкупно 48. Пред неа се БиХ со 214 и Бразил со 53, а зад неа Словенија со 42, Албанија со 39, Србија со 18, Аргентина со 16, Австралија со 14, Црна Гора, Камерун и Португалија со по 13 итн.