Македонија и Бугарија ќе ги обединат пазарите на електрична енергија

Македонија и Бугарија ги поставија основите за обединување на своите електроенергетски пазари „Ден потоа“, на кои се склучуваат зделки за следниот ден, пишува бугарски „Капитал“.

Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО) и Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) потпишаа меморандум за разбирање со Бугарска независна енергетска берза (БНЕБ) и Електроенергетски систем оператор (ЕСО), на кој се очекува потпис уште на бугарската Комисија за енергетско и водно регулирање (КЕВР).

Со меморандумот енергетските претставници од двете земји се обврзуваат во рок од еден месец да организираат оперативна средба, на која ќе бидат одредени основните фази, распоредот за реализација, како и структурата и составот на работните групи за извршување на проектот. Плановите предвидуваат спојување на пазарите во вториот квартал од 2019 година.

Потпишувањето се случи за време на првата средба на претставниците на сите учесници во проектот на 12 април, а иницијатор е Секретаријат на Енергетската заедница.

Процесот на пазарно обединување меѓу двете земји е поддржан и од Програмата за поврзување на енергетските пазари на земјите од Западен Балкан, која се реализира од Секретаријатот на Енергетската заедница и е финансирана од Европска комисија.