Македонија и Грција глумат преговори пред САД, смета српски историчар

Српскиот историчар Александар Раковиќ не верува во најавите за скорешно затворање на речиси тридеценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција, сметајќи дека двата соседа, вушност, глумат преговори поради обврските кон САД.

„Мене ми се чини дека оваа ситуација е таква што и едните и другите, кои имаат обврски кон Американците, се обидуваат да остават впечаток дека нешто работат и оти се приближуваат до нешто, бидејќи би сакале да добијат некакви привилегии. Значи, Заев има обврска, тој бара поддршка и сигурно ќе ја има во наредните седум-осум до десет години, но потребни му се некакви конкретни резултати или показатели дека тој работи на нешто. Исто така, Грција воведува нови мерки на штедење, ситуацијата е многу тешка, земјата зависи од тоа дали некој ќе ѝ помогне финансиски, ќе ѝ го отпише ли долгот итн., а тоа е тесно поврзано и со ова т.н. македонско прашање. Така што, ми се чини дека и едните и другите тука малку фингираат дека се блиску до решение, бидејќи, ако погледнете, до решението наводно се приближиле министрите за надворешни работи, но тоа решение треба да го прифатат владите и на едната и на другата држава. Панос Каменос, министер за одбрана на Грција, не сака да слушне за тоа, па дури може и да се закани, а имаше такви најави, да излезе од Владата. Тоа би довело до пад на Владата на Ципрас и веројатно до крај на неговата власт, со оглед на тоа дека тој не би можел да добие ниту еден друг партнер за одржување на власт“, објаснува Раковиќ во интервју за „Спутник“ на српски јазик.

„На Грците не им е посебно важно да се реши овој проблем, ним оваа ситуација дури и им одговара, освен ако не станува збор за егзистенцијално поврзани притисоци врз Грција. Тие оваа ситуација можат да ја одржуваат сто години. Има притисок, но дури и Нова демократија, која е многу прозападна партија, не го поддржува ова име, а експонент е на западната политика. Земјата навистина е подложена на притисок, но, ако се сетите на кипарското прашање при влезот во Европска унија, тие исто така беа под голем притисок да дозволат обединување на островот по федерална основа. Дури, Турците на референдум гласаа за обединување на островот, а Грците гласаа против, и покрај тоа што тоа можеше и ним да им нанесе штета. На ‘послужавник’ имаа обединет остров, но тие се одрекоа од тоа бидејќи не сакаа окупација на дел од него, и тоа како ентитет. Тие имаат 3.000 години пишана традиција, добри парничари се, трговци и умеат да се изборат за своите интереси. Овој момент за нив не е лесен, но кога се во прашање тие фундаментални национални интереси што се однесуваат на идентитетот на Хелените/Грците, мислам дека тие можат да одат до крај со отпорот“, додава тој.

„Не постои решение за името на Македонија. Каменос не сака да се согласи по никоја цена Македонија на кој било начин да се вика Македонија, а истото го вели и Нова демократија. Треба да има референдум, па тоа да помине низ парламентите на двете држави, па претседателите да потпишат, а Иванов кажа дека нема да прифати ерга омнес, така што ова нема да се реши како што беше најавувано. Македонската влада дури и да прифати сè, дури и да обезбеди двотретинско мнозинство за новото име во Собрание, дури и да помине сето тоа на референдум, претседателот може да постапи исто како со Законот за јазици – да не го потпише указот и да го стави тоа во фиока. Нему мандатот му истекува дури во 2019 година. Значи, и да завршат тие сè до јули, тој нема да потпише и тоа нема да стапи во сила“, уверен е Раковиќ.

 

Оставете Коментар