Македонија и Србија „нишанат“ на трговска размена од милијарда евра

Македонија и Србија си поставија цел меѓусебната трговска размена во наредниот период да достигне една милијарда евра.

За да се случи тоа е неопходно да се почитува ЦЕФТА-договорот за слободна трговија меѓу двете земји, за што неодамна нивни претставници решија да формираат ад-хок работна група, која ќе ги решава евентуалните проблеми при извозот на стоки преку граничните премини на двете држави.

„Се договоривме да ја отстрануваме секоја бариера во наредниот период. Затоа е формирана работна група, која и во Србија и во Македонија ја сочинуваат претставници на повеќе министерства и на двете стопански комори. Таа веднаш ќе реагира и ќе ги отстранува проблемите кога ќе се појават на граничните премини“, изјави српскиот министер за трговија Расим Љаиќ за новинската агенција Танјуг во врска со договореното со македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев во средината на минатата седмица во Белград.

Трговските односи меѓу двете земји бележат постојан раст, па лани стоковната размена меѓу Македонија и Србија достигна 767,06 милиони евра, што претставува зголемување за 5,5 проценти во однос на 2016 година.

 

Оставете Коментар