Македонија ја инспирира Хрватска за одгледување медицински канабис

Примерот на Македонија со строго контролираното производство на марихуана за медицински потреби наскоро би можела да го следи и Хрватска, каде што јужниот дел на полуостровот Истра би можел да стане елдорадо за тоа.

„По Словенија, свеж регионален пример е Македонија, каде што седум фирми со мешовит капитал, меѓу кој и американски, веќе одгледуваат канабис во строго дефинирани услови и со благослов од Министерството за здравство и од Владата. Интересот за оваа индустрија е сè поголем и затоа македонската Влада се подготвува уште подобро да ја уреди оваа чувствителна дејност. Покрај нови работни места, се очекува дека индустриското производство на медицински канабис би можел да ѝ донесе на земјата девизен прилив од речиси сто милиони евра годишно“, пишува весникот „Гласот на Истра“.

Маслото од канабис во Хрватска се увезува од Канада, но препаратите им се прескапи на пациентите, а повеќето лекари во земјата и понатаму се скептични кон нив, додава весникот.

Постојат две компоненти на медицински канабис – ТХЦ и ЦБД. ТХЦ е психоактивен и повеќе им користи на болните од малигни заболувња, а ЦБД помага кај мултиплекс склероза и слични болести.