Македонија ќе поминеше подобро ако Грците сами си го пишуваа договорот

Северна. Едноставен збор со седум букви, но во Македонија во последниве недели ова зборче пополни метри и метри простор за колумни, часови дебати по кафетериите и безброј страници на онлајн навреди, пишува британски Guardian во текст за состојбата во Македонија пред референдумот.

На референдумот на крајот на месецов, граѓаните ќе треба да кажат дали се согласуваат да додадат зборче во официјалното име на земјата, со што таа ќе стане „Република Северна Македонија“. Промената е во с’ржта на договорот постигнат меѓу Македонија и Грција во јуни, со што треба да прекине децениската блокада од страна на Грција за влез на Македонија во евроатлантските институции. Од независноста на Македонија во 1991 година, Грција се жали дека името на оваа земја е нефер апропријација на нивната историја и култура, објаснува Guarduian.

Ситуацијата значително се влошила откако претходната влада пред десеттина години започна процес на таканаречена „антиквизација“ на земјата, крунисана со големата фонтана со споменик на Александар Македонски качен на коњ на плоштадот во главниот град, Скопје. Тоа уште повеќе ги побеснало Грците, дообјаснува Guardian.

Малкумина македонски граѓани гледаат позитивно на промената на името, но повеќето неволно прифаќаат промена, како еден вид неопходна, но непријатна медицинска интервенција.

„Ние сме изолирана, мала и сиромашна земја. Договорот не е фер, но тука не се работи за фер, туку за доброто на сите. Ако тоа е шанса луѓето да живеат подобро, ајде да прифатиме“, вели 31-годишната актерка од Скопје, Сања Арсовска.

Но, не се сите толку помирливи како неа. Десничарската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ жестоко се противи на договорот. Тие се бесни поради фактот дека, според договорот, Македонија ќе мора да го смени и уставот и името да го користи и за внатрешна употреба, што значи промена на пасошите, имињата на институциите и сите останати референци на сегашното уставно име, Република Македонија.

„Ќе добиевме многу подобар договор да ги оставевме Грците сами да си го напишат, бидејќи луѓето најверојатно ќе се засрамеа со договорот апсолутно се да си доделат себе си“, вели Александар Николовски, заменик-претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Противниците на референдумот се под жесток притисок на западните политичари и дипломати да излезат и да глассат „за“. Дипломатите дури посочуваат дека и ако излезноста на референдумот е под 50%, колку што е законскиот минимум, тоа би било доволно за да се добие мандат за промени. Ако тоа не успее, владеачките социјалисти од СДСМ ќе мора некако да убедат 10 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени предвидени од договорот и со тоа да го обезбедат законското квалификувано мнозинство во парламентот.

Ако мине договорот, македонија ќе мора да ги отстрани сите обележја поврзани со антиката, или барем јасно да назначи дека и припаѓаат на хеленската историја, секако, на свој трошок.

SHARE

Comments are closed.