Македонија меѓу десетте европски земји со најбавен интернет

Македонија се наоѓа меѓу десетте држави во Европа со најслаб интернет, покажува деталниот преглед на cable.co.uk, направен врз основа на анализата на 163 милиони тестови на брзината на интернетот во 200 земји.

Покрај Македонија, интернет со брзина помала од 10 мегабити во секунда на стариот континент имаат само уште Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Турција, Белорусија, Грузија, Ерменија, Казахстан и Азербејџан.

Брзината на интернетот во Македонија е 8,82 мбпс, полоши во овој поглед од поранешна Југославија се само Црна Гора со 6,74 мбпс и БиХ со 7,37 мбпс, а во регионот на дното е Албанија со само 5,56 мбпс. Најбрз интернет во ексју-републиките има Словенија (21,41 мбпс).

На Балканот интернет со брзина над 10 мбпс имаат Хрватска и Србија, а Бугарија и Романија, заедно со Словенија, спаѓаат во земјите со брзина меѓу 20 и 40 мбпс.

Најбрз проток на интернетот во свет има Сингапур (60,39 мегабити во секунда), по кој следуваат Шведска (46 мбпс) и Данска (43,99 мбпс).

Со најниска просечна брзина на интернетот во глобални рамки, пак, може да се „пофали“ Јемен, каде што корисниците сурфаат со одвај 0,31 мбпс!