Македонија на Венециско биенале со проект за маните на „Скопје 2014“!

„Ослободување на просторот“ се вика проектот на Музеј на современата уметност (МСУ), со кој Македонија се претставува на годинашното 16. Биенале на архитектурата во Венеција, кој се отвора денеска за посетители и ќе трае до 25 ноември.

Авторите на македонската изложба се инспирирале од проектот „Скопје 2014“ и преку четири објекти што претрпеа коренити промени сакале да ги покажат, како што велат, нелогичностите на големиот зафат во централното градско подрачје. Станува збор за платото на Македонска опера и балет (МОБ) и кејот на Вардар, објектот на Владата на Македонија, Пошта со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО, како и стоковната куќа на плоштадот „Македонија“.

Според нив, „Скопје 2014“ не е архитектонски проект, бидејќи во себе не ја содржел архитектонската логика за создавање просторна композиција, а единствената вредност му била тоа што постои.

„Среќни сме што нашиот ‘Freeingspace’ предизвика толку голем интерес на овој престижен настан. Со нетрпение очекуваме по завршувањето на Биеналето во Венеција да го преставиме на нашата публика“, велат од МСУ за вчерашното отворање на македонскиот павилјон.

Автори на проектот се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Македонското претставување на Венециско биенале е поддржано од Министерство за култура.

 

SHARE