Македонија на врвот на Европа, но по загаденост на водите

Македонија е земја со најзагадени води во цела Европа, покажува неодамнешниот извештај на Европска агенција за човекова околина (ЕЕА).

Објавен на крајот на манифестацијата „Светска недела на водата“, иницијатива за подигање на свеста за водените системи, извештајот посочува дека најголеми загадувачи на водите во Европа се фосфатите и нитратите. Во мерењата извршени во 2012 и 2014 година, Република Македонија е далеку на врвот на листата, со Белгија и Луксембург далеку под неа како втора и трета земја со најзагадени води во Европа.

Колку за споредба, во Македонија има 0,297 милиграми фосфати на литар вода, а дозволената граница е 0,035 мг/л. Во Србија, каде што земјоделието е многу пораспространето, има 0,068 мг/л.

И додека во другите европски држави загадувањето на водите од 2000-та до 2014-та година (период кој го опфаќа извештајот) е повеќе или помалку намалено преку ефикасно законодавство и подобрена контрола, во Македонија во тие 14 години загадувањето е зголемено за 11%.

Најголемото загадување со фосфати доаѓа од земјоделието, но и од користењето на прашоци за перење со фосфати. Фосфатните ѓубрива претставуваат најголем проблем, затоа што големите врнежи од дожд, особено последниве години, доведоа до слевање на големи количества фосфати од земјоделските површини во водените маси.

Најголемата концентрација на нитрати, пак, се акумулира крај индустриските постројки или по должината на одводната канализација. Нитратот не е органска материја и може да предизвика сериозни здравствени проблеми, ако се внесе во организмот во поголеми количини.Извештајот не обезбедил податоци за загаденоста со нитрати во Македонија.

И двата загадувачи предизвикуваат еутрофикација или зголемен раст на алгите, што може да има разурнувачко влијание на околиниот екосистем. Алгите го апсорбираат целиот кислород од водата, со што исчезнува сета останата флора и фауна.

Оставете Коментар