Евростат: Македонија најевтина земја во Европа

Според индексот на цените на потрошувачките производи и на услугите, Македонија е најевтината држава во Европа, покажуваат резултатите на истражувањето на европската статистичка агенција Евростат објавени денеска.

Меѓу 37 европски земји опфатени со анализата, од кои 28 членки на Европска унија, пет земји-кандидатки, три членки на ЕФТА (Исланд, Норвешка и Швајцарија) и еден потенцијален кандидат за ЕУ (Босна и Херцеговина), цените на потрошувачките продукти и на услугите во државава се на ниво од 47 проценти од европскиот просек.

Цените на храната и на безалкохолните пијалаци се 58 отсто од европскиот просек, на алкохолните пијалаци и на тутунот 41 отсто, на облеката 81 отсто, на патничкиот транспорт 90 отсто, на електронските производи 103 отсто и на рестораните и хотелите 43 отсто.

Само еден индексен поен поскапа од Македонија е Бугарија (48), во Србија индексот е 51, во Албанија 52, БиХ и Романија 52, во Турција 53, во Црна Гора 55, во Полска 56 итн.

Најскапа држава во Европа е Исланд со индекс 166, што значи 66 проценти поскапа од европскиот просек. Следуваат Швајцарија со 159 и Норвешка со 143, а од членките на ЕУ најскапа е Данска со индекс 142.