Македонија петта најмалку посетена земја во Европа лани

И покрај растот на бројот на странските туристи за 23,5 проценти во однос на годината пред тоа, Македонија лани била петта најмалку посетена земја во Европа, покажуваат податоците на Светската туристичка организација (ВТО).

Во Македонија минатата година пристигнале 631 илјада туристи од други земји, споредено со 510 илјади во 2016 година, а во 2010 година нивниот број бил 262 илјади.

Според ВТО, аранжманите на странските туристи лани на Македонија ѝ донеле 327 милиони американски долари, во споредба со 280 милиони една година претходно и 197 милиони во 2010 година.

Помалку посетени европски земји од Македонија минатата година биле само Сан Марино (78 илјади), Лихтенштајн (79 илјади), Молдавија (145 илјади) и Монако (355 илјади).

Европа во 2017 година забележала раст од осум проценти и на бројот на туристи, и на заработувачката од нивниот престој во туристичките објекти. Стариот континент лани го посетиле 672 милиони меѓународни туристи, кои потрошиле 519 милијарди долари.

Во европски, но и во светски рамки, на врвот е Франција со 86,9 милиони туристи од странство минатата година, пред Шпанија со 81,8 милиони. На глобално ниво по нив во топ 10 следуваат САД со 76,9 милиони, Кина со 60,7 милиони, Италија со 58,3 милиони, Мексико со 39,3 милиони, Велика Британија со 37,7 милиони, Турција со 37,6 милиони, Германија со 37,5 милиони и Тајланд со 35,4 милиони.

 

Оставете Коментар