Македонија денеска го слави Денот на независноста , 27 години по референдумот на кој граѓаните се изјаснија за самостојна, суверна и независна Македонија во време на евидентниот распад на тогашната федерација СФРЈ кој на некои други простори имаше и крвава завршница.

Мало потсетување. Македонскто Собрание усвои Декларацијата за независност на Македонија на 25 јануари 19911 година, по што следуваше и одлука за распишување на референдум на 8 септември истата година. По долги преговори во Собранието беше утврдено референдумското прашање да гласи:

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26 отсто.

На 8 септември, на тогашниот плоштат Јосип Броз Тито – денес „Македонија“, претседателот на референдумската комисија ги соопшти првите резултати, според кои Македонија изгласа да стане независна и суверена држава.

Претседателот Киро Глигоров ги поздрави насобраните со зборовите:

„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

Масовен беше одзивот и на Македонците во дијаспората, каде што гласањето беше извршено предвреме, а на повеќе места беше констатирано дека сите гласачи се изјасниле позитивно.

Граѓаните од албанска националност го бојкотираа референдумот за независност на Македонија и во јануари 1992 година се одѕваа на „референдумот„ за политичка и територијално автономија во Македонија, проект познат под имто “Илирида“.

 

Оставете Коментар