Надворешниот долг на Македонија денес се проценува на околу шест милијарди американски долари, што е за 8,5 пати повеќе отколку во 1990 година, кога тогашната република на поранешна СФРЈ кон странски доверители должеше 700 милиони долари.

Од шесте ексјугословенски републики помалку од Македонија денес должат Босна и Херцеговина (пет милијарди долари) и Црна Гора (околу две милијарди). Рекордер е Хрватска со 49 милијарди долари, следува Словенија со 45 милијарди, а Србија должи 27 милијарди.

За споредба, во последната година пред крвавиот распад на југословенската федерација Македонија беше втора одзади во неа според задолженоста кон странство. Помалку од неа должеше Црна Гора (600 милиони долари), а предничеше Србија со 4,8 милијарди долари. Надворешниот долг на Хрватска пред 28 години беше 2,7 милијарди долари, на Словенија 1,7 милијарди, на БиХ 1,5, а Федерацијата должеше 3,1 милијарди.

Ако е некаква утеха за Македонија, само таа и БиХ не се високо задолжени земји од ексју-републиките што се осамостоија. Според критериумите на меѓународните финансиски институции, за високо задолжена земја се сметаа таа чиј долг кон странство надминува 80 проценти од нејзиниот бруто општествен производ (БДП).

Од друга страна, лондонскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на британската организација Џеј-Ди-Си, пишува дека Македонија е зафатена со должничка криза заедно со Хрватска и Црна Гора, а Србија е во опасност од криза на надворешниот долг, кој во нето износ зафаќа 98 отсто нејзиниот БДП.

Ескалацијата на надворешното задолжување на СФРЈ настана меѓу 1975 и 1980 година, кога од шест милијарди долари долгот порасна на 16 милијарди.

Според податоците на некогашната Народна банка на Југославија (НБЈ), надворешниот долг на некогашната држава во 1987 година изнесувач 21,3 милијарди долари. Ако од тоа се одбијат побарувањата од 3,8 милијарди, главно од земјите во развој, и ако се пречистат клириншките побарувања и долгови, југословенскиот нето долг тогаш изнесувал 17,5 милијарди долари.

Непосредно пред дезинтеграцијата на земјата, пак, надворешниот долг (без камати) кон конвертибилното валутно подрачје на крајот на 1990 година изнесуваше повеќе од 15 милијарди долари, од кои Федерацијата беше гарант за 11 милијарди.

Вкупниот надворешен долг на републиките што настанаа од некогашната југословенска држава денес е 145 милијарди долари или девет пати повеќе отколку во 1990 година, при што Хрватска, Словенија и Србија денес поединечно должат кон странство повеќе отколку цела СФРЈ пред 28 години!