Македонија со најнасилно воспитување во регионот и пошироко

Насилството во детската возраст, создава можност да се развијат во личности со различни проблеми, а
Македонија е земја во која има највисока стапка на воспитување на децата преку насилство, споредено со земјите во регионот, е ставот на учесниците на дводневниот регионален состанок организиран од УНИЦЕФ, на кој претставници од регионот разговараат за правата на децата.

„Сите анализи и истражувања што ги има УНИЦЕФ покажуваат дека дури и во регионот Македонија има највисока стапка на воспитување преку насилство. Тоа покажува дека ние создаваме насилство, не работиме да превенираме, туку уште на најмала возраст во семејството создаваме насилно однесување и ги учиме нашите деца на насилство“, образложи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Министерката истакна дека за само една година, околу 40 проценти деца до 18 години се извадени од институциите и затоа државата прави напори да нема деца до 18 години во институции.

Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ, пак, смета дека проблемот со насилството врз децата е глобален, но оти земјите од ЕУ веќе имаат развиено модел кој дава резултати и би било добро да биде применет и во регионот.

„Ова особено затоа што децата кои растат со големо присуство на насилство, имаат голема веројатност да имаат лошо здравје, лош исход во животот, да завршат регрутирани од насилни групи и да влезат во циклус на експлоатација“, рече Перкс.

SHARE