Македонија веднаш зад Русија на најновата листа на ФИФА

Иако не одигра ниту еден натпревар меѓу двете рангирања на ФИФА, фудбалската репрезентација на Македонија напредуваше шест места и се искачи на 71. на јунската листа, веднаш зад домаќинот на претстојното Светско првенство, Русија.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски требаше да одиграат две пријателски средби, но Фудбалската федерација на Македонија не успеа да обезбеди противници, откако Сент Китс и Невис го откажаа гостувањето во Скопје, а преговорите за дуел со Иран на неутрален терен во Турција завршија негативно.

Во конкуренција на 55 европски селекции, „црвено-жолтите“ се 36., а меѓу 12 балкански тимови претпоследни (само Косово е зад Македонија).

Германија го предводи топ-10, пред Бразил, трета е Белгија, по што следуваат Португалија, Аргентина, Швајцарија, Франција, Полска, Чиле и Шпанија.

Следната листа ќе биде објавена на 18 јули, по завршувањето на мундијалот.

 

SHARE