Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во вторник ќе го презентира извештајот за кандидатите за членство во Европска унија, кој ќе содржи препорака за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, пишува австрискиот весник „Ди пресе“, повикувајќи се на агенцијата АПА.

„Во Македонија, која сега има проевропска влада подготвена за реформи, која активно промовира добрососедски односи со Бугарија и со Грција, видливи се позитивни случувања, истакнуваат во кругови на ЕУ. Поради нерешениот спор околу името со Грција, земјата сé уште официјално го носи името ‘поранешна југословенска Република Македонија/ПЈРМ’. Од 2005 година Европска комисија препорачува отворање на пристапните преговори со Скопје, но неодамна тоа беше условено“, пишува весникот.

За Албанија се вели дека Комисијата констатирала напредок поради судските реформи што се спроведуваат таму.

„Србија и Црна Гора се лидери во преговорите за пристапување во ЕУ. Сепак, во двете земји Европска комисија ќе утврди дека има мал напредок во владеењето на правото и оти сè уште се потребни поголеми напори, се вели во кругови на ЕУ. Србија и Косово мора да склучат правно обврзувачки договор за нормализирање на нивните односи, што ќе овозможи добрососедски односи“, пишува весникот.

Во февруари, Комисијата им вети на најнапредните балкански држави дека 2025 година е можен „индикативен“ датум за пристапување, што сега веќе не се споменува во извештаите. Според извештаите, Комисијата на ЕУ сé уште гледа поголеми проблеми со приближувањето кон ЕУ во Косово и во Босна и Херцеговина.

„Многу критички“ извештај ќе добие Турција, тврди „Ди пресе“ поради „тотално отсуство на поделба на власта“. Како и во претходните години, постои недостиг на владеење на правото и на независноста на судството. Актуелните тензии меѓу Турција и Грција и турската воена операција во Сирија, наводно, се критички споменати во извештајот. Единствено, соработката со ЕУ по прашањето на бегалците е позитивно оценета.

 

Оставете Коментар