Македонска заедница во Малта ќе го тужи директорот на Агенција за иселеништво

Македонска заедница во Малта најави покренување кривична постапка против директорот на Агенција за иселеништво, Никола Салваринов, за доделување грантови на, според нив, непостоечки организации.

„Агенција за иселеништво доделува грантови на НЕПОСТОЕЧКИ здруженија во Малта! Овојпат доделен е грант од 106.400 денари за некаков си проект ‘Тоа сум јас и никој друг’.
Јавно го повикуваме директорот на Агенција за иселеништво, Никола Салваринов, да достави уредна документација за увид на целокупната јавност, акт од ФДМ-МАЛТА одобрено како здружение од властите во Малта, нивно седиште и членови! Воедно, бараме да се достави нацрт од проектот. Што е целта на овој проект и како е планирано да се спроведе и да се потрошат овие пари.
Ги повикуваме новинарите и сите останати, како и надлежните органи, да спроведат истрага за одлевање на огромни финансиски средства на сомнителни организации.
Воедно, ве информираме дека нашите правници веќе работат на покревање кривична постапка за лицата кои лажно се претставуваат како здружение (нерегистрирани) и за директорот на Агенција за иселеништво!“, соопштија од најголемото здружение на македонски иселеници на островот во својата Фејсбук-група „Македонци во Малта“ во написот насловен „Мега скандал со државни пари“.

При посетата на Малта на 28 мај премиерот Зоран Заев се сретна со претставници на „Форум за демократска Македонија во Малта“, како што се претставува на „Фејсбук“, каде што соопштува дека ѝ „изрази поддршка на Владата за решавање на спорот за името со Грција и напорите за интеграција во НАТО и ЕУ“. Токму тој ФДМ-Малта, за кој Македонска заедница во Малта тврди дека е непостоечки, е добитник на грантот од Агенција, посочуваат од Заедницата.

 

Оставете Коментар