Македонски државјанин од аеродром во затвор во Германија за 600 евра

Двајца македонски државјани во саботата попладне беа непријатно изненадени при слетувањето на аеродромот во Хамбург, каде што ги уапси германската полиција, а едниот од нив и го спроведе во затвор за неплатена казна од 600 евра.

Триесетгодишниот граѓанин на Македонија, баран од обвинителот од Окружниот суд во Фленсбург, беше осуден минатата пролет за кражба со парична казна од 600 евра, но не ја платил глобата. Немал пари да го стори тоа ни завчера, па полицијата го одвела на одлежување 60 дена затвор.

Жената на возраст од 25 години, која исто така пристигнала со авион од Скопје во саботата, била осудена во мај 2016 година од Судот во Флензбург за фалсификување документи. Таа, сепак, имала 100 евра за да ја плати казната и по завршувањето на полициските формалности ѝ било дозволено да го продолжи патувањето.