Македонски алпинист го загуби животот на Хималаите

Loading...

Шеесетитригодишниот планинар од Гевгелија Ѓорги Петков го загубил денеска попладне животот додека се обидувал да го освои највисокиот врв на светот.

Починал од срцев удар додека се качувал на највисокиот врв Монт Еверест во таканаречениот Камп 3.

Петков кој е лекар специјалист инфектолог и искусен алпинист починал додека се подготвувал за финалната фаза на освојување на врвот на светот.

Непалскиот Шерпа Ками Нуру, менаџер на кампот во кој бил Петков, изјавил за Хималаи Тајмс дека македонскиот алпинист бил дел од експедиција предводена од Британскиот планинар Тим Мосдејл и дека се прават напори неговото тело да биде префрлено на некој од пониските кампови за да се врати во Македонија.

Предходно во оваа сезона на качување на Хималаите загинале уште тројца други алпинисти.

Агенцијата Франс прес објави дека тој колабирал на непалската страна од врвот, на надморска височина од 7.200 метри.

Локалните медиуми јавија дека ова е четврт смртен случај во оваа пролетна сезона на искачување на Хималаите.

Досега петмина Македонски алпинисти успеале да го освојат Монт Еверест.

На 10 мај 1989 година се случи трагедијата со Димитар Илиевски – Мурато кој како член на македонската алпинистичка хималајска експедиција „Еверест ’89“ почина при искачување на највисокиот врв на светот. Мурато сеуште се води како исчезнат.