Машката ракометна репрезентација на Македонија по шести пат ќе игра на мундијалите, откако со безболниот пораз од 26:25 против Романија во реваншот во Клуж избори учество на Светското првенство 2019 во Данска и Германија.

Предноста од осум гола по триумфот од 32:24 во неделата во Скопје не беше доведена во прашање во ниту еден момент, иако седум минути пред крајот домаќинот поведе со 24:20. Но, двата гола на Филип Лазаров и по еден на Стојанче Стоилов и на Гоце Георгиевски во завршницата од мечот ја згаснаа и таа искра надеж на Романците.

Македонија подобро го отвори дуелот, поведувајќи со 4:1, потоа и со 7:5, пред последните десетина минути беше и 19:19, по што веќе беше јасно дека нема да има ништо од сензација.

Дејан Манасков со седум гола и капитенот Кирил Лазаров со шест беа најефикасни во македонските редови.

По Египет 1999 (18. место), Хрватска 2009 (11.), Шпанија 2013 (14.), Катар 2015 (9.) и Франција 2017 (15.), „црвено-жолтите“ на 26. светски шампионат од 9 до 27 јануари 2019 година им се придружија на Русија и на Норвешка, кои вчера ја завршија работата во баражот.

Покрај соорганизаторите Данска и Германија, на првенството досега имаат обезбедено место и бранителот на титулата Франција, како и Саудиска Арабија, Катар, Јужна Кореја, Бахреин, Тунис, Египет, Ангола, Шпанија и Јапонија.