Македонските ракометари во група со Грција на патот кон ЕП 2020

Редовниот „муштерија“ Грција е еден од противниците на машката ракометна репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2020 година во Шведска, Австрија и Норвешка.

Исланд и Турција се другите два ривала на „црвено-жолтите“ во шесте кола од третата група, кои треба да се одиграат од октомври годинава до јуни наредната.

Шансите за пласман на уште едно големо натпреварување во низа се реални, со оглед на тоа дека ЕП 2020 ќе биде првото на кое ќе учествуваат 24 наместо досегашните 16 селекции, а место ќе обезбедат по две најдобри репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и четирите најдобри третопласирани.

Првата група ја сочинуваат Германија, Полска, Израел и Косово, втората Хрватска, Србија, Швајцарија и Белгија, четвртата Словенија, Холандија, Летонија и Естонија, петтата Белорусија, Чешка, Босна и Херцеговина и Финска, шестата Франција, Португалија, Литванија и Романија, седмата Унгарија, Русија, Словачка и Италија и осмата Данска, Црна Гора, Украина и Фарски Острови.

Покрај трите соорганизатори, автоматско место на ЕП има обезбедено и бранителот на титулата Шпанија. Тие четири репрезентации ќе играат меѓусебе во новоформираниот ЕХФ Евро куп во истите термини кога се и квалификациите.

Следното ЕП ќе се одржи од 10 до 26 јануари 2020 година во шведските градови Гетеборг, Малме и Стокхолм, во австриските Виена и Грац, како и во норвешки Трондхајм.

 

SHARE