Македонското прашање се заплеткува, оценува бугарска аналитичарка

Новинарката Зорница Илиева од Бугарија не смета дека прашањето за името на Македонија е решено, напротив, најавите за одложување на објавувањето решение за две недели, според неа, значи дека македонското прашање се заплеткува.

„Кој рече дека е решено името? Прво, непрекинато се водеа разговори, непрекинато се велеше дека утре, до петок, а сега по две седмици ќе биде објавено решението. Македонското прашање се заплеткува. Се мешаат многу насворешни фактори, притисок има и врз двете страни. Сите знаеме дека сегашниот премиер Зоран Заев многу вложи во членството во НАТО, не баш без туѓа помош, се разбира. Роковите го притискаат бидејќи на 11 и 12 јули е средбата на врвот на НАТО, а за евентуално Македонија да добие покана за членство треба да биде решено тоа прашање“, изјави таа во дебата на Бугарска национална телевизија (БНТ).

„Сложена е ситуацијата на Зоран Заев, независно што тој е склон на многу компромиси. Притиснат од роковите, од преземените обврски, зошто тоа е прашање и на политички опстанок од негова страна, Грците ја користат ситуацијата… Тие протести, и покрај тоа што не се толку масовни, и покрај сè се илјадни протести, т.е. има јаз меѓу власта во Грција во моментов и обичните граѓани по тоа прашање“, дополнува Илиева.

Бугарската аналитичарка е против фаворизираното име „Северна Македонија“ за западниот сосед, објаснувајќи дека тоа ги засега бугарските интереси, при тоа барајќи од тамошните политичари да реагираат.

„Во крајна линија, на север од Грција не е само Вардарска Македонија, туку и Пиринска. Затоа, ние не би требало да прифатиме таква географска одредница“, категорична е Илиева.

 

Оставете Коментар