Макрон ќе „молчи“ за пристапувањето на Македонија до 28 јуни

Францускиот претседател Емануел Макрон, многу веројатно, конечниот став за пристапувањето на Македонија во ЕУ ќе го соопшти на состанокот на шефовите на држави и влади на земјите-членки на Унијата во Брисел кој треба да се одржи кон крајот на наредната недела, јавува „Телма“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Макрон постојано изјавува дека не треба да се избрзува со проширувањето на Унијата, додека таа најпрво внатрешно не се реформира.

Францускиот претседател е под дипломатски притисок да го прмени ставот. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, побарал од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан, да ја поддржи поканата од НАТО за приклучување на Македонија, како и за отворање претпристапни преговори за членство во ЕУ.

Атински „Катимерини“ во анализа насловена „Покер во ЕУ за ФИРОМ“, пишува дека откако холандскиот парламент ја одби Албанија, но се согласи за пристапување на Македонија и откако таква поддршка во петокот дојде и од Германија „останува да се убеди Франција“.

Весникот пишува дека „според француска перспектива, пристапувањето на Македонија во НАТО е адекватна, во оваа фаза, награда за Скопје“.

 

 

SHARE