Малчески: И да не сака Македонија ќе влезе во ЕУ

Убеден сум дека на 30-ти септември народот масовно ќе апстинира од гласање и со тоа еднаш и засекогаш ќе ги исцрта македонските црвени линии по ова прашање, истакна професорот Самоил Малчески во вчерашната дебата во емисијата „Топ тема на ваша страна “ на ТВ Телма.

Малчески вели дека тој договор е штетен за македонските национални интереси и дека Македонија и со неуспешен референдум не само што ќе опстане, туку и ќе биде членка на ЕУ и НАТО, дури и да не сака. Тој не понуди детаљи за тоа што смета дека ќе се случи непосредно по евентуалниот неуспешен референдум.

Малчески додава дека поради природата на меѓународните проекти на кои работи минува многу време во патувања низ целата држава и контакт со разни слоеви на населението.

„Не слушнав дека некој ќе излезе и ќе гласа. Луѓето се соочени со уцени, лути се и збунети. Некој треба да ги објасни детаљите од договорт, а не да ги замајува со шарени лаги. Има огромно разочарување кај граѓаните и на 30-ти септември тие со апстиненција од гласањето ќе ги исцртаат македонските црвени линии“, вели тој.

За таквата ситуација тој го обвини арогантното и понижувачко однесување на властите со нејасното прашање и одлуката референдумот да биде консултативен, но најмногу пристапот на властите кон преговорите за овој договор, во кои не беше вклучена ниту јавноста, ниту пак опозицијата.

„Ако тој договор е толку добар за Македонија и тоа го ззнаела и опозицијата, зошто немаше ниту еден нејзин претставник и во преговорите и на потпишувањето“, прашува Малчески.

Малчески истакна и дека е уверен оти амандманите на уставот се веќе подготвени и ја повика власта да ги обелодени.

„Како гласат амандманите на Уставот? Како ќе гласи преамбулата на Уставот, според овој договор? Се откажуваме ли и од АСНОМ и од Илинден? Според однесувањето на владата, тие се очигледно веќе напишани, па ајденека ја обелоденат нивната содржина за на 30-ти да донесеме информирана одлука“, повика универзитетскиот професор по економија.

SHARE

Comments are closed.