Манчестер Сити е еден од четирите големи клубови од Европа што покажуваат значителен интерес за македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас од Фенербахче, пишува германскиот весник „Шпорт билд“.

Осумнаесетгодишниот офанзивен играч за врска во турскиот гигант дојде при крајот на јули минатата година од Работнички, но веќе го привлече вниманието на скаутите и се смета за еден од најголемите фудбалски таленти на стариот континент.

„Граѓаните“, кои се на пат да ја освојат шампионската титула во англиската Премиер лига, за македонскиот фудбалски бисер се „тепаат“ со Борусија Дортмунд, ПСВ Ајндховен и Фееенорд.

Елмас со Фенербахче има договор до 30 јуни 2022 година, но, иако беше доведен како голема надеж, шанса од тренерот Ајкут Коџаман доби дури на 28 јануари годинава против Трабзонспор на гости, кога во мечот од турската Супер лига одигра 26 мин. Во февруари се појави уште два пати на теренот – 11 минути против Генчлербирлиги и една против Аланјаспор, по што повеќе не доби минутажа во турското првенство. Во Купот на Турција, пак, играше само против Гиресунспор во четвртфиналето, кога на првата средба запиша асистенција.

Во репрезентацијата на Македонија има настапи за сите возрасни категории. Со селекцијата до 21 година скопјанецот играше на Европското првенство во Полска како најмлад меѓу 23 фудбалери во составот. За А-тимот, пак, дебитира лани во јуни во квалификациите за Светското првенство против Шпанија на 17 години и досега има три настапа.

 

Оставете Коментар