Манџукиќ, кој дебитира со Македонија, повеќе нема да игра за Хрватска

Пред 11 години ја почна блескавата репрезентативна кариера против Македонија, а денеска 32-годишниот Марио Манџукиќ реши да се повлече од националниот тим на Хрватска, со кој минатиот месец стана светски вицешампион на мундијалот во Русија.

„Секогаш повеќе сум сакал да зборувам на теренот отколку надвор од него, па ми беше тешко да пронајдам зборови за простување од хрватската репрезентација“, напиша популарниот Манџо на својот профил на „Твитер“.

Од тој натпревар со Македонија на 17 ноември 2007 година во Скопје во квалификациите за Европското првенство, кога „црвено-жолтите“ славеа со 2:0, а тој влезе во игра во 42. минута, Манџукиќ одигра 89 меча за „коцкестите“, на кои постигна 33 гола.

Вториот стрелец во историјата на хрватската репрезентација, по Давор Шукер со 45 погодоци, на неодамнешниот планетарен шампионат во сребрениот медал вгради три гола и една асистенција, а еднаш погоди и во финалето против Франција (2:4).

Хрватскиот фудбалер на годината во 2012 и во 2013 година во новата сезона ќе игра покрај играчот на годината во светот Кристијано Роналдо во нападот на Јувентус, за кој од 2015 година одигра 92 средби и постигна 22 гола.

 

SHARE