„Маратонецот“ Мило Ѓукановиќ трча претседателски круг

Црна Гора денеска избира претседател, Трет пат од стекнувањето независност, граѓаните на Црна Гора денес ќе избираат шеф на државата. Седум кандидати меѓу кои и една жена, кандидатка на опозициската СДП, Драгиња Вуксановиќ, влегоа во трка за иден претседател.

Познавачи сметаат дека фаворите е „маратонецот“ на црногорската политичка сцена Мило Ѓукановиќ, кандидат на Црногорската Демократска партија на социјалистите (ДПС).

Ѓукановиќ, поранешен премиер кој му се спротивстави на Кремљ со тоа што ја внесе Црна Гора во НАТО, по номинацијата на 20 март рече дека на земјата ѝ треба „дополнителна мудрост и одговорност“, за да го избере правецот кон членство во ЕУ а не кон Русија.

Мило Ѓукановиќ (56) кој во 2016-та најави дека се повлекува во политичка пензија, од 1989 е централна личност во политиката на Црна Гора како премиер и претседател.

Поранешен сојузник на српскиот водач Слободан Милошевиќ, Ѓукановиќ стана најмладиот шеф на владата во Европа на 29 години во 1991 година и оттогаш шест пати ја извршуваше функцијата премиер, вклучувајќи ја и функцијата претседател од 1998 до 2002 година.

Тој е единствениот поранешен југословенски лидер кој остана на власт од 1990-тите до денес.

Според листата на Форбс на најбогати шефови на држави тој е на 20 место во светот, со богатство од 14.8 милиони долари.

Досегашниот црногорски претседател, Филип Вујановиќ, отслужи два последователни петгодишни мандати откако Црна Гора стана независна нација и не може повторно да се кандидира.