Марјан Ѓуровски: Преговорите за името огромен успех за Владата на Заев!

Фалејќи ја Владата на Зоран Заев за нејзината прва година на власт, во која била „посветена на реформите, на европските вредности и на желбата за промена го врати европскиот дух во Македонија“ по „изолацијата на земјата“ претходно, Марјан Ѓуровски од Факултет за безбедност при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје во интервју за Блумберг ТВ Бугарија констатира дека нејзин најголем политички успех се преговорите со Грција за името на Македонија!

„Огромен успех на Владата на Зоран Заев е тоа што таа се посвети да преговара со официјална Атина и, според информацијата со која располагаме, Македонија и Грција се многу поблиску до изнаоѓање решение за спорот за името. Се надевам дека до крајот на јуни ќе се стигне до постигнување решение меѓу двата премиера“, изјави тој.

„Повеќедецинскиот спор на Република Македонија со Република Грција е апсурден, зошто се оспорува правото на еден народ и на една држава да го употребува сопственото име. Евентуалното решение кое треба да го договорат Македонија и Грција, кое зад затворени врати се договара зошто македонските граѓани за преговорите за спорот дознаваат повеќе од грчките медиуми, треба да биде достоинствено решение со кое ќе обезбеди заштита на македонскиот идентитет, ќе се гарантира употребата на македонскиот јазик, дека во Република Македонија живеат македонски народ и други граѓани согласно Уставот на Република Македонија.

Не сум сигурен дека во поставени рокови, каде што многу брзаме, може добро да постапиме, не мора по секоја цена решението да дојде до крајот на јуни. Со Република Грција имаме заеднички проблеми, но и заеднички интереси. Со ова досегашно однесување Република Грција придонесува за безбедносна дестабилизација на регионот“, објаснува тој.

„Непријатно е да се лицитира со можните имиња со географска одредница. Со прифаќање на ерга омнес се прави сериозна отстапка од страна на Република Македонија. Би требало само да се размисли уставно да се регулира името за меѓународна употреба на државата, без да се размислува за промена на уставното име.

Во делот на името јас сум умерен оптимист, зошто не мора по секоја цена веднаш да се решава до крајот на 2018 година, зошто гаранциите за македонскиот идентитет и јазик мора да бидат обезбедени, во спротивно влегуваме повторно во нови проблеми, може да се врати национализмот.

Решението треба да нè направи многу посилни, колку може повеќе политички партии да го поддржат и решението да добие поддршка од македонската опозиција, бидејќи за името што ќе го договорат за ерга омнес двајцата премиери се потребни уставни измени со 81 пратеник. Решението мора да биде достоинствено за Република Македонија“, додава Ѓуровски, кој му беше советник за односи со јавноста на експремиерот од СДСМ, Владо Бучковски.

За него, руското влијание во Македонија е повеќе од очигледно и е присутно преку агресивни изјави на рускиот амбасадор во Скопје.

Ѓуровски смета дека е добро што Бугарија се вратила како лидер на Западен Балкан.

 

SHARE

Comments are closed.