„Доста е. Вака веќе не може. Вака веќе не смее. Народот македонски е пиреј. Секоја власт која е подарена, нема долго да трае, како што рече Гоце Делчев дека секоја подарена слобода е ново ропство. Дојде време да се собереме. Денеска е тој ден“, рече во своето обраќање вечерва пред Владата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Неколку десетици илјади граѓани се собраа пред Владата на Република Македонија да го изразат незадоволството на антивладиниот протест под мотото „Македонија ќе победи“.

„Да, Македонија ќе победи. Ние како генерација немаме друг избор. Таа победа мора да биде на сите полиња“, рече Мицкоски и додаде дека „помина една година на разочарувања, на неработа, на политички терор, на економски неуспеси, на лажни ветувања, на соочување со вистината дека не направија ништо што ветија“.

Мицкоски побара одржување на предвремени парламентарни избори напролет, заедно со претседателските.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, придружуван од потпретседателите Митко Јанчев, Владо Мисајловски и Александар Николоски, како и од поголемиот дел од пратеничката група на најголемата опозициска партија, претходно во првите редови го слушаа говорот на актерот Тони Михајловски, кој е прв говорник на протестот.

„Не постои друг народ кој својата земја толку ја опеал во песните, па тоа е таа неизмерна љубов кон својата држава. Затоа ни е големо името“, рече Михајловски.

Граѓани од сите градови во Македонија пристигнаа на протестот кој започна во 20 часот, кои одговорија на повикот на лидерот на ВМРО-ДДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ги повика сите граѓани кои се разочарани од владеењето на премиерот Зоран Заев да се приклучат на протестот.

„Да застанеме сите заедно рамо до рамо пред Владата и да го покажеме македонскиот непокор“, повикува организаторот.

2 Коментари

Оставете Коментар