Маж од Македонија удрил полицаец на железничка во Германија

На централната железничка станица во германскиот град Менхенгладбах вчераутро 28-годишен маж од Македонија нападнал полицаец што се обидувал со колегите да го вразуми и отстрани  од местото каде што го нарушувал јавниот ред и мир.

Но, при обидот на полицаецот да му ја земе торбата на младиот човек што претходно непрекинато извикувал и ги провоцирал патниците, тој се свртел и го удрил со тупаница во левата страна на лицето, по што неговите колеги примениле сила за да го совладаат напаѓачот. Додека му ги врзувале рацете, тој се обидел да удри со главата во стакло, но полицајците го спречиле и потоа го одвеле во станица. Таму му е направена анализа на крвта, а тестот покажал дека приведениот има 1,23 промили алкохол.

До утрото тој поминал во притвор, по што бил пуштен на слобода, а во меѓувреме против него е покрената кривична пријава за отпор при приведување од службени лица и за телесна повреда.

Повредениот полицаец ја санирал повредата на горната усна и останал да си ја доработи смената.