Меркел и Курц молчат за референдумот, навистина молчат

Два дена по референдумот нема реакција од официјален Берлин, политичкиот центар на ЕУ каде се одлучува за огромен дел од прашањата, дилемите и решенијата на Европската Унија.

Иако токму Германија беше најсилен лобист за успешен референдум и во земјава испрати дури 4 свои претставници за две недели, сега молк од Берлин.

Во Македонија во кампањата за референдумот дојдоа канцеларката Меркел, министрите за надворешни работи Хајко Мас и за одбрана Уесула ван дер Лејен и министерот за Европа во германското МНР Михаел Рот.

Сега никој од нив нема официјална реакција на неуспехот на референдумот.

Познавачи на македонско – германските односи коментираат дека и во двете владеачки германски партии (ЦДУ и СПД) постои разочарување за пропуштената шанса за побрза интеграција во НАТО и ЕУ но дека се уште има простор за ратификација на Преспанскиот договор со цел конечно решавање на спорот со Грција.

Истите извори велат дека сите политички фактори мора да сторат се што е во нивна можност за надминување на спорот за името и за побрза евроатланска интеграција.

Но предупредуваат дека Германија во иднина ќе треба подобро да ги прави проценките за состојбата кај своите партнери.

Овде се алудира на официјалните информации кои Берлин ги добил за референдумот од Скопје а кои говореле дека референдумот ќе успее, дури се зборувало и за еден милион гласачи излезност.

Меркел во првата официјална посета на еден германски канцелар во Македонија дојде во тешки моменти кога радикалната АФД стана втора најмоќна партија според анкетите но ниту нејзината помош за владата на Заев не донесе успешен референдум.

Поразот на Заев не е пораз на Меркел и германската влада но сепак Берлин од ова искуство ќе мора да извлече соодветни поуки за нивото на доверба што треба да го има кон политичките елити во Македонија и кон сите земји од западниот Балкан кои се наоѓаат во комплицирана ситуација, велат добро информираните набљудувачи на ситуацијата кои инсистираат на анонимност.

Се молчи и во Виена. Претседавачот со ЕУ канцеларот Курц се уште нема коментар за референдумот. Десничарот кој лично дојде да ја поддржи македонската социјалдемократска влада не ја коментира состојбата во Македонија.

Предходно вчера претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг издадоа заедничко соопштение по повод референдумот во Македонија.

Тие повторуваат дека Договорот со Атина создаде историска шанса за Македонија да и се приклучи на трансатлантската заедница како еднаков член.

,,Сега е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму. Одлуките кои ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нивната земја и нивниот народ за многу генерации.Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска прилика”, велат ЕУ и НАТО. 

SHARE

Comments are closed.