Обидот на Лионел Меси да ѝ донесе победнички старт на Аргентина на Светското фудбалско првенство во Русија се претвори во кошмар, откако неговиот удар од белата точка при 1:1 во второто полувреме го одбрани исландскиот голман Ханес Халдорсон и тој резултат остана до крајот.

„Гаучосите“ го опседнаа противничкиот од самиот почеток на натпреварот на стадионот на Спартак во Москва и надмоќта ја материјализираа преку Серхио Агеро во 19. минута. Но, само четири минути подоцна Алфред Финбогасон го постигна првиот гол за Исланд на мундијалите, по што неговата репрезентација заигра на една карта – да го одбрани бодот – и на крајот успеа.

И покрај силната желба да постигне гол и да проба да го повтори синоќешниот хет-трик на лутиот ривал Кристијано Роналдо против Шпанија, Меси не погоди ниту еднаш од дури 11 обиди. Понеефикасен на светските првенства од 1966 година наваму бил само Италијанецот Луиџи Рива, кој имал по 13 промашувања против Шведска и против Израел на СП 1970.

Франција стартуваше со победа над Австралија од 2:1 со головите на Антоан Гризман од пенал во 58. минута и на Пол Погба девет минути пред крајот, а за „кенгурите“ погоди од белата точка Миле Јединак во 62. минута.

Со тежок триумф шампионатот го отвори и Данска благодарејќи на Јурари во 59. минута, откако претходно најстрога казна не искористи Куева на истекот на првото полувреме.

 

SHARE