Мета ги повика Албанците во Македонија да гласаат на референдумот

Албанскиот претседател Илир Мета ги повика Албанците во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат „за“ на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.

„Интеграцијата на регионот во ЕУ и во НАТО е многу важен и витален процес за неговата иднина. Македонија сега е во поволен и оптимистички момент по долг период на стагнација на нејзините односи со Грција, со ЕУ и со НАТО.

Без двоумење го поддржавме дијалогот меѓу Атина и Скопје, убедени дека тоа е вистинскиот начин да се оди напред и да се најде решение за долготрајниот интегративен процес на Македонија.

Новиот договор за прашањето за името со Грција отвора нова перспектива, тој е позитивен чекор за Македонија кон нејзиното членство во НАТО и кон интеграцијата во ЕУ, а влијае и врз стабилноста и безбедноста на нашиот регион.

Албанскиот фактор во Македонија има незаменлива улога во процесот на внатрешна трансформација и на социјално-политичка кохезија, како и за евроатлантската интеграција на Македонија. Тој има можност повторно да ја потврди својата поддршка за македонското членство во НАТО и во ЕУ и не штеди напори за успех на референдумот.

Успешниот резултат на овој референдум би ја докажал победата на сите политички сили ориентирани кон евроатлантските аспирации на Македонија, против архаичните, антиевропски и анти-НАТО тенденции не само во Македонија, туку и во целиот регион.

Затоа, верувам и во исто време апелирам до сите Албанци во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат за договорот кој ќе отвори ново поглавје не само во интеграцијата на Македонија, туку и за нивната иднина во оваа земја исто така“, изјави Мета за албанскиот весник на англиски јазик „Албенијан дејли њуз“.

 

Оставете Коментар