Металург ги улови „мечките“ од Чехов за сефте во ЛШ сезонава

Иако за малку ќе направеа од готово вересија, ракометарите на Металург на крајот, сепак, се израдуваа на првиот триумф во Лигата на шампионите сезонава, совладувајќи го Чеховски медведи со 25:24 пред своите навивачи.

Македонскиот вицепрвак го доби првото полувреме со уверливи 16:10, но во вториот дел им дозволи на гостите од Русија дури и да се спасат од пораз, но во последниот напад успеаја да се одбранат и да ја прекинат црната серија од пет порази.

Голманот Даниловски со 14 успешни интервенции беше прво име во составот на Данило Брестовац, за кој успешно дебитираа Шпенде со четири гола, Рибеиро со три и Пучник со еден, а најефикасен беше Димитриоски со пет погодоци.

Првата радост во најсилното клупско натпреварување сезонава не ги одлепи „металурзите“ од дното на табелата во групата Ц, а шанса за тоа ќе имаат в четврток, кога повторно се домаќини, овојпат против Спортинг.

Во дербито на групата А во Барселона каталонскиот гигант го совлада Кјељце со 31:27, па в недела во Скопје со Вардар во директен дуел ќе се решава за првото место, кое двете екипи сега го делат со по 10 бода.

 

SHARE

Оставете Коментар