Мицкоски бара помош од граѓаните и најавува марш

Лидерот на опозицијата денеска се обрати до граѓаните и најави протестен марш во Струмица в недела:

Драг сограѓанин,

Се чувствуваш несигурно, денот ти започнува и завршува со грижи како да го поминеш наредниот ден, неизвесноста ја поткопува твојата самодоверба и пречесто се наоѓаш во кругот кој ти носи разочарување. Знаеш длабоко во себе дека ова не е она за што се бореше и тоа што го замислуваше од нашата заедничка држава.

Децата растат, а во секојдневието ја имаш грижата како да ги задоволиш нивните основни потреби, храна, облека. А за одмор со другарчињата, за часови за странски јазик, спорт, балет или други дополнителни активности да не говориме.

Тоа никако не се вклопува во месечниот буџет. На работа пак, ако имаш државна работа, доколку размислуваш поразлично осуден си да бидеш осуден, притисоците се секојдневие, реваншизмот и протоколарните списоци со кои ти бараат некакви про форма задачи станува неподнослива реалност која те притиска и те прави нервозен, доколку работиш пак во приватна компанија често те преовладува стравот дали менаџментот ќе има можност да обезбеди доволно средства за наредната плата, која доколку ја добиеш ти носи еднократна радост, но и поголема грижа за тоа дали тоа можеби е последната.

Доколку си земјоделец, легнуваш и се будиш со болка во телото од над 10 часовната работа на полето, но она што повеќе те боли е тоа што владата и министерството ти удираат по достоинството затоа што не го ценат трудот и немаш поддршка. А невработените пак, невработените ја бијат битката за живот на дневна основа.

Сето ова те прави нервозен, не е ова иднината која ја посакуваше и за која се бориш целиот живот, ја нема ниту европската перспектива во која се развиваат другите луѓе како тебе кои живеат во тие држави. Вознемирува чувството дека децата брзо растејќи ќе сфатат дека тука нема перспектива за нив и ќе си побараат иднина во некоја друга далечна држава, а тоа не е судбината која ја посакуваше бидејќи знаеш дека каменот тежи највеќе на своето место.

Се плашиш со секое нивно излегување низ градските локали, бидејќи децата таму се незаштитени, а во дискотеките полицијата наместо во криминалци, вперува оружје во гостите. Во општеството сеат поделба, владата и министрите кои те убедуваат во сосема спротивна розева и разубавена слика од она која реално ја гледаш и чија суровост ја живееш секој ден те прави пасивен.

Дополнително ти вели премиерот името Македонија морало да се избрише, ама пустото боли, пече, затоа што тоа е името под чиј бајрак и име растеле и умирале твоите предци, и под чиј код се родени твоите деца. Името кое го изговараш со чест, достоинство и трепет во душата и сега ти велат морало да се откажеш затоа што само така ќе било подобро, а ти знаеш дека тоа не е така.

Живееме живот во кој поразите стануваат секојдневие, а победите ги нема.

Вистинското прашање е дали може поинаку? Еве на секој еден од вас Ви кажувам, на сите, машко и женско, старо и младо сите кои ги делите овие чувства, ДА може поинаку, и тоа поинаку ќе дојде доколку се крене и чуе твојот глас, гласот на твоите блиски, роднини и пријатели. Заслужуваш подобро и тоа подобро ќе дојде.

Затоа што јас влегов во политиката со чиста мисла и со надеж дека ќе оставам зад себе нешто добро за нашата заедничка иднина како држава. Да ја победиме неправдата и да се чуе тој пркосен глас кој силно вриска во вашите срца и да кажеме ДА МОРА ПОДОБРО!

Јас како и многумина од ВМРО-ДПМНЕ сме одлучни дека ќе одиме до крај и нема назад се до конечната победа која ќе и донесе победа на Македонија. Време е да се чуе нашиот заеднички глас и затоа продолжуваме со борбата за Македонија. И затоа Ве повикувам на протестен марш во Струмица, во Недела со почеток во 13 часот, собирно место во паркот во Струмица по шеталиштето па се до општината Струмица.

Заеднички сложно одлучно, како и многупати што ќе се сретнеме, обединиме, собереме ова лето за Македонија ќе кажеме МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПОБЕДИ!

Кристијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

2 Коментари

  1. Treba da se pomogne na VMRO I luge mora da izlezat!
    No VMRO mora da ja napushti utopistichkata ideja na tnr. Dvojnata formula,
    koja beshe vo eden mig proben balon i jadica na CIA za Makedoncite,
    koi za zhal se fatile na takvata nerealna jadica!

Оставете Коментар