ВМРО-ДПМНЕ се ребрендира?

Ако се суди според фотографијата која што е поставена на пораката-честитка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во чест на 23 октомври, најголемата македонска партија почнала со процес на ребрендирање.

Долго време од основањето до 2005 година боите на ВМРО-ДПМНЕ беа црвена и црна се до пред изборите во 2006 кога партијата доби портокалов имиџ кој се користеше паралелно со старата црвено – црна варијанта на партиските симболи.

Таа комбинација траеше до пред неколку години кога по урнекот на германската ЦДУ на Меркел партиското раководство се обиде да ја наметне сината варијанта која што не беше прифатена од членството.

Ако може да се анализира врз основа на боите што Мицкоски ги користи во своето денешно обраќање новиот имиџ на партијата дефинитивно ќе биде означен од црвена, жолта боја како тоа на државното знаме на Германија каде што исто така има комбинација со нијанси на сива и црна боја.

А покрај новите можни партиски бои кои беа најавени уште во јуни на протестниот марш во Битола еве што денеска Мицкоски порача на денот на ВМРО:

“Од секој предизвик, искушение, ВМРО-ДПМНЕ, наследник на идеалите и принципите на историското ВМРО излегувало посилно, похрабро и поодлучно. ВМРО постои за Македонија и за нејзиниот народ, кој кревал глава секогаш кога е најтешко, и кога мракот најсилно надвиснал над нашата земја. И секогаш новиот почеток значел нова надеж, нова искра.

Македонци, граѓани на Република Македонија нека е вековит 23 октомври, Денот на Македонската Револуционерна Борба ??” порача лидерот на опозицијата.