Милосављевиќ: Гута, Скопје, САД, Русија – Вистината е на средина

Одлична анализа на глобалните настани какви што има се поретко во македонските медиуми.

Драган Милосављевиќ

Експлозија во најава или подмолен договор за нови предавства

Дали е привилегија или проклетство зависи од светогледот на секој од нас, но нема никаков сомнеж дека живееме во навистина необични времиња.

Временскиот акцелератор е вклучен на максимум и настаните се случуваат со фантастична брзина, што пак предизвикува лажно чувство дека не се воопшто контролирани, односно дека земаат замав сосем случајно иако резултатите на крајот на секој изминат ден покажуваат дека и тоа како постои добро осмислен проект кој се диригира многу внимателно, иако не секогаш докрај прецизно.

Во тој контекст умесно е да се гледа и на„хемискиот“ напад во Дума, последниот екстремистички град во некогаш големиот бунтовен бастион Источна Гута крај Дамаск, кој целосно опколен од силите на Сириската Арапска Армија ги преживува последните часови пред дефинитивното подигнување на белото знаменце.

Во нападот, според различни извори, умираат меѓу 40 и 75 луѓе, а повредени се над 500. Снимките објавени од фантомската организација „Бели кациги“, тесно поврзана со сириските бунтовници и нивните надворешни помагачи, покажуваат деца кои се задушуваат додека доктори во паника ги полеваат со вода, а потресени сведоци потврдуваат дека смртонсонот хлорин бил фрлен од хеликоптер на сириското воено воздухпловство.

Срцепарателните сцени веднаш ги превземаат и емитуваат големите медиумски машинерии, по нив сите светски телевизии и сајтови, се до последните балакански порталчиња во пустата желба и тие да бидат дел од „ексклузивата“ на која се лепат кликови и што знаеш, еден убав ден, можеби, да лапнат некакво дополнително рекламиче или грант за поддршка поради добро одработената работа.

Се разбира никој со сигурност не може да тврди дали навистина била фрлената бомбата со хлорин или е во прашање добро осмислен ( и повеќепати виден) трик за предизвикување на масовно згрозување и осуда од јавноста, а потоа реакција од светските центри на моќ, но дека нешто не е во ред со целата приказна е повеќе од очглдено.

Прво Дума е релативно мал град, а го бранат одвај неколку стотини до можеби пар илјади борци на „Армијата на исламот“. Во офанзивата за негово ослободување учествуваат десеткратно повеќе владини борци, а за несразмерноста во вооружувањето е излишно и да се коментира. Бунтовничките позиции ги напаѓаат и руската и сириската воена авијација додека ударот на земја го изведуваат најелтините сили на САА, „Тигрите“ и Републиканската гарда кои практично самите го добија сите големи битки во сириската војна.

Јасно е дека бунтовниците немаат ниту теоретски шанси да се одбранат и затоа не постои логична причина во такви околности, некаков генерал идиот или уште повеќе Башар ал Асад лично ( „животното“ како што милно го нарекува американскиот претседател Доналд Трамп) да нареди напад со забранети боени отрови, кога е повеќе од свесен дека таквата глупост ќе им даде мотив на неговите непријатели да најдат оправдување за директен воен удар врз Сириската војска токму сега кога е на прагот на целосна победа во седумгодишната исцрпувачка војна.

Но, ако сме искрени, тоа воопшто не е важно. Исто како и во случајот Скрипал, труењето на двојниот шпион кој ако било потребно можел да биде ликвидиран милион пати во изминативе 14 години, вистината сама по себе воопшто не е важна. Битно е да се направи приказна и да се обвини противникот, во првиот случај Русија, а во вториот божем Сирија а всушност повторно Русија која со својот упад во сириската војна, не само што драстично ги промени околностите на теренот туку и долгорочно им ги упропасти сметките на оние без чија логистика, пари и тактичко-оперативна подготовка веројатно воопшто и немаше да дојде до пеколот на кој е изложен несреќниот сирски народ.

Ова е „рускиот’ поглед и објаснувањето кое можете да го добиете на Раша тудеј, Спутник и ним сродните медиуми. Дијаметрално спротивно е објаснувањето на другата страна односно на целиот западен конгломерат од медиуми и нивните локални подружници начичкани насекаде по земјината топка.

Нивната логика вели дека Башар ал Асад е крвник и воен злосторник, најодговорен за над половина милион мртви и десетина милиони раселени несреќници, човек кој во пуста желба да остане на власт спроведува геноцид над сопствениот народ.

Во тоа ја има поддршката на иранските мули кои преку сириска територија сакаат да му се приближат физички на својот архи-непријател Израел, а во позадина се гледа веќе не само сенката туку целото лице на Владимир Владимирович, некогашниот оперативец на КГБ кој не може да ја прежали пропаста на СССР и по секоја цена ја турка Русија кон незвоможната цел, повторно да се возобнови моќта на руската империја и таа уште еднаш да одигра клучна улога во формирањето на новиот светски поредок.

Притоа до максимум ги користи и злоупотребува медиумите под контрола на Кремљ, огромната армија компјутерски ботови, хакерски платеници како и разни локални диктатаори и диктаторчиња вешто користејќи ја за свои цели, нивната алчност и неизгаслива жед за владеење. Вистината веројатно е некаде на средина бидејќи во политиката и геополитиката ниту некогаш имало ниту пак ќе има светци и доброчинители, туку секогаш се гледаат само себични интереси на одредени центри на моќ за кои човечкиот живот сам по себе не вреди ништо а постоењето на одредени држави или нации зависи само од нивната актуелна употребна вредност.

А бездруго треба да се земе предвид дека и покрај сите закани, навреди и санкции двете главни екипи во првата лига, сепак соработуваат бидејќи не смеат да си дозволат преминување на црвената линија после која би немало враќање назад. И не, таа соработка не е само на техничко ниво како што не убедуваат нивните медиумски експоненти туку е многу подлабока и ја водат врвно обучени професионалци, луѓе со спосбности далеку над можностите на оние често гротескните фигури и третколасни шутови кои денеска ја играат улогата на државници, министри и генерали.

Затоа, можеби не е на одмет да се спомене предупредувањето од донекаде независните кинески аналитичари кои велат дека операцијата „труење во Дума“ е всушност американско-руски договор за дисциплинирање на Асад кој опиен од бројните победи како да откажува послушност и се обдува да води посамостојна политика, со што ги доведува во прашање интересите не само на ВАшинтон туку и на самата Москва. На сето тоа, првата практична реакција по обвинувањето за хемиски напад не ја презеде САД туку Израел, чии што авиони Ф-16 извршија удар врз воената база Т-4 кај Хомс, а во кој се убиени барем 14 сириски војници и уништени се големи складишта со оружје.

Интересно, Руска војска има распоредено насекаде ни Сирија но токму во базата Т-4 немало баш ниту еден руски советник. Израел е познат по својата бескомпромисност во заштитата на сопствените интереси, но само таму каде што може, имено против неспоредливо послабите арапски соседи, но никогаш и никако не би си дозволил директен удар врз руски цели затоа што во Ерусалим, за разлика од главните градови на источноевропските шупелки од држави, политика водат луѓе кои знаат дека Русија не треба да ја имаш за непријател.

Бидејќи тоа може многу да боли. Како и да е, сириската војна продолжува и заедно со неа продолжуваат бескруполозните игри без граници, истите оние поради кои Кина го прави патот на свилата, Франција упаѓа во некогашните африкански колонии, Скрипал се поти во некоја лоноднска болница, Трамп подига ѕид кон Мексико, а Македонија го менува името во замена за влез во НАТО.

Она што меѓутоа не може да се контролира е спиралата од реактивни случувања надвор од нашите поимања и желби, а прокси војната, исто како и секоја друга, има „сопствени правила“ и следи некоја лична логика во чија застрашувачка моќ за уништување не треба да се има никаков сомнеж.

Оставете Коментар