Милошоски со твит на денот до Османи за референдумот

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го има твитот на денот упатен до потпретседателот на Владата за евроинтеграција Бујар Османи, а во врска со неговата изјава дека „неизлезноста на референдумот ќе значи прифаќање на договорот од Преспа“.

„Ако ти Бујар Османи упорно ѝ ѕвониш, а таа упорно ти спушта, значи те сака?! #Бојкотирам“, му твитна поранешниот министер за надворешни работи на вицепремиерот.

„Недоволниот одзив на граѓаните за да го направат процесот успешен, значи над 50 проценти, претпоставува дека тие, граѓаните, му даваат мандат на Парламентот да одлучи сам. Тоа е пораката од неизлегувањето на референдумот. Втората порака е тоа дека договорот кој е ратификуван во Собрание останува на сила. Така што, на некаков начин неизлегувањето е и поддршка. Затоа, мислам дека во која било верзија, ќе биде важно каков ќе биде гласот на граѓанинот. Не, техничко-логистичко прашање, туку, всушност, дали мнозинството ќе биде ‘за’ или ‘против’. Јас сум уверен дека апсолутното мнозинство на граѓаните на Македонија се за оваа историска шанса за Македонија“, е изјавата на Османи за Алсат-М што ја испровоцира реакцијата на Милошоски.