Минстрој нуди 120 милиони евра за спас на Фени и 300 нови работни места

Бугарската компанија Минстрој холдинг ги информирала сите засегнати субјекти и премиерот Зоран Заев дека останува на претходно доставената официјална понуда за купување на комбинатот ФЕНИ индустри од Кавадарци за 120 милиони евра. Тие од судот бараат на следното рочиште да се прочита оваа понуда, пишува порталот Мкд.мк.

Со оваа понуда, како што пренесува порталот, во целост се намируваат побарувањата на сите стечајни доверители. „Доколку овој суд одлучи стечајната постапка да продолжи со впаричување на имотот, Минстрој изјавува и гарантира дека кога ќе стане сопственик нема да го сопре работниот процес на комбинатот, туку напротив ќе придонесе за континуитет во рамките на законските можности, на начин што ќе ги покрива сите неопходни трошоци за непречено работење“, пишува во понудата.

Бугарската компанија гарантира задржување на сите сегашни вработени и редовна исплата на плата, нови инвестиции, ремонт на едната електропечка која сега не работи, набавка на резервни делови за постоечката опрема и набавка на нова опрема, зголемено производство, експлоатација на домашна руда од рудникот Ржаново, 300 нови работни места во рудникот, воведување на највисоки еколошки и заштитни стандарди… или 120 милиони евра вкупна инвестиција во комбинатот ФЕНИ.

„ФЕНИ и рудникот Ржаново се една целина, комбинатот е создаден за користење на руда експлоатирана од Ржаново. Минстрој во период од 10 години за потребите на ФЕНИ веќе експлоатираше никелова руда од рудникот Ржаново, со што го има потребното искуство и знаење околу потенцијалот и можностите на рудникот, па затоа сме заинтересирани за инвестирање во повторно рестартирање на рудникот и вработување на нови 300 работници“, пишува во понудата.

Од овие 120 милиони евра, 74 милиони евра за купување на имот на ФЕНИ, колку што впрочем изнесува проценетата вредност на имотот, значи исплата на сите доверители, чии вкупни побарувања се 67 милиони евра утврдени во стечајната постапка. Планот за реорганизација на другата компанија која е влезена во преземањето на ФЕНИ (швајцарскиот фонд ГСОЛ преку македонската компанија Еуроникел), предвидува исплата на само 15% за доверителите, велат адвокатите на Минстрој.

Во понудата oсобено се истакнува и тоа дека со повторното отворање на рудникот Ржаново, освен новите 300 работни места, бенефит ќе имаи државата и општината со поголем прилив од даноци, придонеси и концесија. Во понудата на Еуроникел исклучиво е наведено дека рудата ќе се набавува Домениканска Република, велат застапниците на Минстрој.

„Годишно во касата на општина Кавадарци ќе се слеваат повеќе од 700 илјади евра надомест од концесии базирано на сегашните берзански цени, а Еуронинела гарантира 0 денари затоа што нема да користи домашна руда. Со впаричување на имотот, новиот сопственик на ФЕНИ ќе плати данок на промет на недвижен имот од околу 1,2 милиони евра, а со тоа што е предвидено кај Еуроникел, со пренос да го стекне целиот имот стечајниот доверител, тоа подразбира 0 денари данок за општината“, пишува во понудата.

И општина Кавадарци, со официјално писмо до надлежните, се изјасни дека повеќе ја посакуваат понудата на бугарската компанија.

Минстрој бара судот ова известување да го прочита на идното рочиште и да дозволи со истото да се запознаат сите органи во стечајната постапка за да се избегнат сите шпекулации и невистини и да се имаат предвид сите законски одредби за заштита на сите доверители во стечајната постапка, особено малцинските доверители кои имаат утврдени побарувања во стечајната постапка.

SHARE