„Млади за Македонија“ иницира „татковински референдум“

Непартиската организација „Млади за Македонија“ покренува иницијатива за собирање 150.000 потписи за распишување „татковински референдум“, како одговор на плебисцитот закажан за 30 септември, за кој повикува да биде бојкотиран.

„Џелта на овој нов, спротивставувачки референдум е да ги одбрани и трајно да ги заштити трите македонски црвени линии: уставното име на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитетот, кои се ставени на работ на исчезнувањето преку потпишувањето на т.н. Преспански договор. Со оваа иницијатива организацијата исто така ќе го оневозможи нелегитимниот, манипулативен референдум најавен од Владата за оваа есен“, се вели во соопштението на „Млади за Македонија“ објавено на нејзината страница на „Фејсбук“.

Од организацијата известуваат дека во моментов нејзсиниот правен тим работи на прецизно формулирање на референдумското прашање. Прашањето за референдумот таа има намера да го објави најдоцна во почетокот на август, по што активистите ќе почнат со подготовката за татковинскиот референдум низ Република Македонија, но и во македонската дијаспора.

„Со оваа иницијатива Македонија еднаш засекогаш ќе ја затвори дилемата околу ова прашање, ќе го врати достоинството на македонскиот народ и ќе создаде рамка за фокусирање на вистинските проблеми на оваа земја: запоставената економија, одливот на мозоци, високата невработеност, очајното здравство, образование, наука и култура, прекумерното загадување“, стои во соопштението на „Млади за Македонија“.