ММДЧП: Честито Македонци, Македонија и целиот свет чекаат на ОН

– Македонците се обединија во одбрана на името и етничкиот идентитет на сите Македонци (вклучително и милионите Македонци надвор од Република Македонија) со тоа што во огромен процент го бојкотираа нелегалниот референдум кој им беше наметнат од страна на САД, ЕУ, НАТО на 30-ти септември, 2018 година. Целта на оваа фарса беше да се смени името на Република Македонија во „Република Северна Македонија“ и да се редефинира се’ што е македонско, со цел да и’ се удоволи на Грција”, пишува во својата порака до македонската јавност Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада.

Во продолжение целото обраќање на ММДЧП:

Грција, од своја страна, тврдеше дека ќе се откаже од своето право на вето и ќе и’ „дозволи“ на Република Македонија да се приклучи на НАТО и ЕУ. Наместо да и’ помага на Грција во својот признат обид за културен геноцид над Македонците, Западот требаше да ја брани Македонија и да ги критикува Грците за таквото флагрантно кршење на човековите права и на меѓународните закони, во име на несигурната цел наречена „Евроатлантска интеграција“.

Па сепак, Западот уште еднаш покажа дека ќе продолжи со кршење на демократските принципи кои тврди дека ги поддржува, со цел да ги постигне своите антимакедонски цели спротивни на човековите права. Во моментов, нивната цел е експанзија на НАТО по секоја цена.

И покрај бројните изборни прекршоци и полнење на кутиите, „владата“ под контрола на Западот успеа да собере само 36% од вкупното гласачко тело, додека вистинскиот одзив на изборите беше под 20%. Дури и Државната изборна комисија, која е под контрола на Владата, мораше да го прогласи референдумот за неважечки, затоа што не стигна ни блиску до изборниот праг од 50%.

Па сепак, Стејт Департментот на САД, официјални претставници на ЕУ и нелегитимниот „Премиер“ Зоран Заев, спротивно на секоја логика, прогласија победа, тврдејќи дека „мнозинството од оние кои гласаа“ (што е исто така неточно, и главно се однесува на етничките Албанци), избрале да го сменат името на Македонија.

Ова е како некој кој има писмена по математика, и кој успеал да одговори само 20 од 100 прашања, да тврди дека добил 90% на тестот затоа што 18 од тие 20 прашања ги одговорил точно. Вистината е, се разбира, дека тој кандидат паднал на тестот, со оценка од само 20%. Во случајот на Зоран Заев и неговите надредени, дури и со измамите, исходот е излезност од патетични 36%.

Македонските граѓани му зададоа одлучен удар на Заев и неговите западни поддржувачи, но Западот, како што само тие знаат, се осмели да спинува таков одлучен пораз како „победа“ за да ги исполни своите империјалистички аспирации.

Од претставниците на САД, ЕУ и НАТО, ММДЧП бара објаснување за тоа како е можно ова да се смета за „победа“.

Од западните медиуми, кои ја објавија истата дезинформација, исто така очекуваме смешно објаснување.

Освен ако западните политичари и медиуми сакаат да продолжат да го потврдуваат својот очигледен расизам и мешање во политиките на суверени земји, тие точно ќе известуваат – и ќе ги бранат – Македонија и Македонците.

Не зборуваме само за Македонците во Република Македонија. Целиот регион на Македонија беше поделен во 1913 (факт кој го признаваат сите, дури и окупаторите) помеѓу Србија/Југославија (делот кој сега е независна Република Македонија), Бугарија, Грција и, подоцна, Албанија. Македонците се борат со обидите за нивно бришење уште од тогаш. Иронично е што Грција ја забрани употребата на терминот „Македонија“ и го одрекуваше нејзиното постоење, се’ до драматичната промена на пропагандата во 1988, кога започна кампања со која се обидува да го прелаже светот дека Македонија е „грчка“.

Понатаму, „договорот“ од Преспа кој Западот се обидува да и’ го наметне на Македонија, би го редефинирал самото значење на поимите „Македонија“ и „Македонци“, и со тоа сосем би го избришал етничкиот идентитет на сите Македонци и нивните најосновни човекови права. Но, Западот го знае ова, и не се грижи за истото. Единствено им е важно да се исполнат нивните планови за „европска интеграција“.

Ако западните лидери се навистина заинтересирани за човекови права, демократија, владеење на правото и „волјата на народот“, како што тврдат, тие ќе го запрат дебаклот со името на Македонија и ќе бараат итно апсење на Зоран Заев – како што тоа го прави Македонското меѓународно движење за човекови права. Ќе престанат да му помагаат на Заев во неговото прекршување на законот, уставот и собраниските правила, затоа што сите овие постапки се прекршоци казниви со закон – според Уставот на Република Македонија и на секоја друга независна земја.

Најпосле, западните дипломати тврдат дека „шефовите на државите“ имаат право да ги спроведуваат постапките на Заев. Но ова секако не може да се прави во спротивност со законот, демократијата и основните човекови права, кои (наводно) се загарантирани со сите конвенции за човекови права. Најважен, но намерно прескокнуван момент е што вистинскиот „шеф на државата“ во Република Македонија е всушност Претседателот Ѓорге Иванов – кој го осуди нелегалниот референдум.

Македонското меѓународно движење за човекови права му благодари на Претседателот Иванов што во своето одлучно обраќање во Генералното Собрание на ООН на 27-ми септември, 2018, и во своето својство на шеф на државата во Република Македонија, го изложи ставот на ММДЧП дека правото на самоопределување на Македонија мора да се почитува и брани од страна на сите земји-членки на ООН. Тој ги отфрли тактиките кои се користат против македонскиот народ и побара сите дискусии за името веднаш да престанат. Претседателот Иванов објави пред светот дека Нашето име е Македонија – и дека истото никогаш нема да се смени.

Според сопствените повелби, Обединетите Нации мораат веднаш да дејствуваат за да ги заштитат името на Македонија и идентитетот на сите Македонци. Македонија и целиот свет чекаат, пишува ММДЧП чиј претседател е Бил Николов.

SHARE

Comments are closed.