Русија би можела да одговори со повторно воспоставување на воени бази во Куба, доколку се остварат заканите на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (INF), изјави шефот на Комитетот за одбрана на Државната дума, Владимир Шаманов. Тој, исто така, предвиде „нова кубанска криза“ доколку САД и Русија не успеат да се договорат, пренесува РТ.

САД планираат да го напуштат важниот договор од времето на Студената војна, а одговорот на Русија може да биде во духот на тие времиња – реактивирање на воените капацитети во Куба, вели Шаманов, поранешен командант на воздухопловните сили.

РТ забележува дека кубанската влада мора да даде дозвола за враќање на руската војска, но тоа е повеќе прашање за политиката отколку за одбранбените прашања, шпекулира Шаманов.

„Проценките за вакво сценарио се во тек, а (политичките) предлози ќе следуват“, изјави тој за руската новинска агенција Интерфакс без да даде детали.

Ова прашање може да се најде на маса кога новиот претседател на Куба, Мигел Дијаз-Кане, ќе ја посети Русија во почетокот на ноември.

„Ако не го спречиме сега и не разговараме, ќе се најдеме во услови слични на оние (што доведоа до) кубанската криза“, вели Шаманов цитиран од РИА Новости.

Кубанската ракетна криза беше опасна конфронтација која ги донесе САД и Советскиот Сојуз на работ на нуклеарна војна во почетокот на 1960-тите, кога Москва стационираше советски нуклеарни проектили во Куба, како одговор на распоредувањето американски проектили во Турција.

SHARE

Оставете Коментар