Наспроти шпекулациите дека Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе си го промени името, вадејќи ја придавката „македонска“ заради признавање на автокефалноста, архиепископскиот црковно-народен собор во Калишта денеска не само што го потврди името, туку и титулата на архиепископот ја дополни со „и на Јустинијана Прима“.

Највисокото црковно-управно и законодавно тело го дополни членот 2 од Уставот на МПЦ-ОА, кој ќе гласи: „Македонска православна црква е историска и правна наследничка на Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, има достоинство на архиепископија и се именува МПЦ-ОА, а во комуникацијата МПЦ“.

Се дополнува и член 6, став 2 со: „Титулата на архиепископот е ‘митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима’ и се ословува со ‘Ваше блаженство’“.

Покрај интервенциите во Уставот, од архиепископскиот црковно-народен собор, кој се одржува секоја година во првата недела од октомври, упатен е и апел до политичките субјекти во државава.

„Членовите на архиепископскиот црковно-народен собор упатуваат апел за национално единство и за искрен молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучително комплексен период полн со предизвици за нашата татковина, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и на духовниот идентитет на македонскиот народ и на сè што е македонско. Исто така, црковно-народниот собор го поддржува ставот од 26 декември 2017 година во однос на промената на името на нашата држава и на нашата црква“, стои во апелот.