Муда и мудрост – пишува Горан Момироски

Во текот на последната недела неколку пријатели интензивно ме убедуваа дека моите критики на премиерот Заев се како крик среде планинска бура, дека никој не ги слуша забелешките за грешките во владеењето на СДСМ и ДУИ. Најголем дел од нив не велеа дека ми се погрешни забелешките и аргументите туку причината за слабиот успех на моите тези се должи на два моменти:

Првата теза на која се гради култот за политичка вечност на Заев е наводната апсолутна поддршка на меѓународната заедница за премиерот и владата кои што спроведуваат пошироки геостратешки цели. Основата на оваа теза е помислата дека странските партнери ќе премолчат секакво прекршување на закони, устав, демократски процедури, неслобода на медиуми, катастрофална економија, рекордно задолжување, се со цел да се спроведе Преспанскиот договор.

Ставот на американскиот висок дипломат Метју Палмер дека нема потреба да се гледа со лидерот на опозицијата и претседателот Иванов само дополнително ги охрабри приврзаниците на власта во својот триумфализам кој беше пред се манифестиран на социјалните мрежи каде што течеше „општонародната прослава“ по повод „смртта на ВМРО-ДПМНЕ“ која што соочена со „раскол“ и наводна битка меѓу 4 партиски фракции „само што не се распаднала“.

Вториот момент на кој се темелеа критиките за моите критики се однесува на бремето кое што го носи со себе ВМРО – ДПМНЕ од своето реално 9 годишно владеење (2006 до 2015) затоа што од почетокот на бомбите Македонија практично не беше владеана туку преживуваше на шкрги.

Оптимизмот на приврзаниците на власта дека СДСМ ќе владее уште најмалку 10 години се темелеа на хипотеките на највисоките партиски првенци на ВМРО – ДПМНЕ пред се почесниот претседател Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков и можноста сите нивни црни петна да ги поврзат со новото раководство на опозицијата.

Планот до пред некоја недела бил , и тоа никој не го крие, Христијан Мицкоски да биде постојано прикажуван како човек на моќниот екс шеф на тајната служба кој според речиси сите во таборот на Бихаќка такаречи до вчера беше најголемиот криминалец, најкорумираниот бизнисмен, најстрашната фигура кој палеше и гасеше во Македонија, човек кој го организираше прислушувањето за потоа тоа да биде употребено против неговата партија. Како вчера да беше кога највисоките претставници на СДСМ организираа прес конференции за криминалот на началникот, за пиштолот пронајден во куферот на Мијалков на белградскиот аеродром и за низа други скандали во кои тој никогаш не беше позитивна фигура. За неговата одговорност во Кумановските настани во која загинаа 8 македонски полицајци се донеодамна не се разговараше со симпатизерите на СДСМ. За нив Мијалков заедно со Груевски го нарачале „Диво Насеље“ за да се дефокусира јавноста од бомбите.

И сето ова важеше до завчера. Се до моментот кога новата гарнитура во ВМРО – ДПМНЕ реши да расчисти со луѓето кои што „делувале спротивно на партиските политики, кои користеле насилство и уцени за да убедуваат пратеници да гласаат за уставните измени“. Се до моментот кога потпретседателот на партијата Александар Николовски излезе и јавно го кажа тоа што некои луѓе го чекаа со години. Дека се расчистува со „материјалистите кои што додека идеалистите се бореле за Македонија создале огромен капитал а сега се обидуваат да го заштитат преку соработка со браќата Зоран и Вице Заев“, како што според дел од медиумите рекол Николовски на седницата на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од вчера триумфализмот кај приврзаниците на власта е спласнат а муабетите од моите пријатели се со поинаков тон. Сфатија дека честитката од ВМРО – ДПМНЕ за новата коалиција меѓу Зоран, Вице и Мијалков не е шега туку сериозно бреме од кое се ослободи опозицијата а со кое се стекна СДСМ.

„Неискусниот“ Мицкоски веќе не е чувар на тронот, привезок на Груевски и инсталација на Мијалков, а „малиот“ Николовски сепак не бил „младо момче што допрва треба да учи вистинска политика“ за каков го гледаа дел од луѓето блиски на власта. Променетата оценка за лидерот на опозицијата која сега гласи „Сепак Мицкоски имал муда и мудрост да се откачи од најголемиот баласт на неговата партија“ најдобро покажува што се случи завчера во седиштето на ВМРО – ДПМНЕ.

Одеднаш со еден потег на неколку луѓе во врвот на ВМРО – ДПМНЕ кои се судрија со еден од најмоќните луѓе во земјата а кој очигледно има прикриена поддршка од власта се урнаа сите тези и хипотези за вечниот сон во кој требаше да падне опозицијата и долгата власт во која требаше да ужива Заев.

Сега моите пријатели се збунети. Не можат да прифатат дека најконтроверзната политичка фигура во последниве десетина години веќе не е дел од опозицијата туку влезе во таборот на Заев. Сега борците во рововите на власта не можат да се помират дека скриено или отворено ќе треба да бидат во ист тим со Сашо Мијалков, човекот за кој со години тврдеа дека е најголемото зло во Македонија.

Кој се плаши од избори и кој ги крие анкетите?

За тезата на Мицкоски дека најтемно е пред зората може да се спори во зависност од тоа на која географската ширина и должина се наоѓате затоа што во делови од светот со месеци нема ден и ноќ. Но тие што со години ги следат политичките собитија во земјава знаат дека најинтензивните напади на било која власта секогаш се најсилни кон најопасните противници.

Координираните медиумски напади врз Мицкоски дури и од страна на новинари кои што некогаш важеа за реални и објективни а во кои тој беше прогласен за политички мртов како жртва на судирот со дури четири различни фракции во партијата (Мијалков, Јанчев и Тодоров, дел од пратеничката група, ривалите од конгресот), дури и на неупатените јасно им покажа дека наследникот на Груевски и ВМРО – ДПМНЕ се далеку од мртво месо.

Причините за нападите од сите оружја лежат во рејтингот на СДСМ за кој Бихаќка нема решение. Истражувањата на јавното мислење кои што го прават и домашни и странски фирми се неумоливи. Раликата меѓу власта и опозицијата ја надминува маргината на грешка, се разбира во корист на вторите.

Личниот рејтинг на Заев кој драматично порасна по потпишувањето на договорот во Нивици е во постојан пад и не може да го надополни ниту падот на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ. А опозицијата се наоѓа во најопасниот период од своето постоење, во внатрешни битки, без програма, без медиуми, со огромни долгови, со барем навидум влошени односи со странските партнери.

Тој што мисли дека Заев се откажа од заканата за превремени избори затоа што така му кажаа Хан и другите странци се лаже. Извесно е дека барањата од Заев да не оди на избори се должат на анализите за „касапаната“ што го очекува СДСМ на избори откако доживеа дебакл на референдумот а во меѓувреме нема ниту еден резултат во битката против корупцијата, странските инвестиции, реформите во правосудството и другите клучни подрачја. За просечна плата од 500 евра и 100 илјади денари плата за лекарите веќе никој не зборува.

Што се однесува до странците за нив важи дека тие, особено сега, откако се заврши главната задача со Преспанскиот договор ќе сакаат да играат со најорганизираната политичка сила која што има реален капацитет да повлече напред. СДСМ со сите погрешни чекори од овие 16 месеци на власт, со неброените корупциски скандали, сега и со хипотеките на Мијалков на своја страна, со тежок пораз на референдумот има се помала употребна вредност. Една од опциите е техничка влада во која ќе влезат сите партии, другата опција не е добра за СДСМ.

Бездруго странците нема да заборават на лојалноста на Заев и преку албанскиот фактор можеби во знак на благодарност за сработеното ќе му обезбедат можност да стане претседател и да добие политички имунитет за судските процеси што го очекуваат.

Но тие нема да ризикуваат Македонија во НАТО и на пат кон ЕУ да ја остават во рацете на една неорганизирана група чиј лидер во снимено видео бара едно евро мито за неговиот брат, која за премиерски советник за безбедност го назначи Командант Хоџа, која 100 дена не можеше да организира состанок на Советот за реформи во судството или чиј што главен преговарач за влез во ЕУ е осомничен за корупција.

Странците можеби имаат своја геостратешка агенда која што понекогаш ја спроведуваат без разлика на интересите на сите македонски граѓани но тие ниту се глупи ниту се луди.