На „кралот на земјата“ нема кој да му ја симне круната на Ролан Гарос

Рафаел Надал и годинава го „приватизира“ единствениот тениски гренслем на земјана подлога Ролан Гарос, каде што по 11. пат го крена победничкиот пехар по убедливиот триумф од 6-4, 6-3, 6-2 над Доминик Тим.

За 32-годишниот светски рекет број еден ова е 17. трофеј од некој од четирите најголеми турнири во сезоната, со што му се доближи на три на рекордерот Роџер Федерер, кој в среда во Штутгарт се враќа на терените по прескокнувањето на сезоната на земја.

„Сон е да се освои 11 пати“, изјави Шпанецот по мечот со 24-годишниот Австриец, кому ова му беше прво гренслем-финале. „Беше важно да се одигра на начинот на кој го сторив тоа. Беше тежок момент кога добив грч. Тој е играч што ве притиска до крајните граници“.

Надал е само вториот тенисер што 11 пати освојувал ист гренслем по Маргарет Корт, на која тоа ѝ успеа на Австралија опен од 1960 до 1973 година.

Неприкосновеноста на Рафа на париската земја ја покажува и фактот дека во 87 настапи на овој турнир по дебито во 2005 година има само два пораза. Немаше загубено сет во своите први четири меча од годинашното издание, подобрувајќи го личниот рекорд до 37 освоени сета во низа на Ролан Гарос, но за малку му побегнаа рекордните 41 сет во серија на Бјорн Борг, губејќи го воведниот против Диего Шварцман во четвртфиналето.

 

Оставете Коментар