Над 2/3 Бугари ги сакаат Македонците во ЕУ

Седумдесет отсто од Бугарите ja сакаат Македонија во Еу и ја поддржуваат интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската унија.

Граѓаните на источниот сосед сметаат дека нивната земја има интерес тие да станат дел од европското семејство, покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот „Тренд“, изработено по нарачка на „24 часа“.

Шеесет отсто од Бугарите го поддржуваат приемот на земјите од Западен Балкан во Европската унија. Само 16 отсто имаат спротивно мислење. Околу една четртина пак немаат мислење или не можат да дадат оценка.

Најсилна поддршка Бугарите даваат за приемот на Македонија и Србија. Седумдесет отсто од анкетираните го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ, додека 67 отсто го поддржуваат приемот на Србија, при што оваа висока поддршка се должи на заедничките корени на трите земји во однос на културолошка и религиозна смисла.

Најмала е поддршката за влезот на Албанија во ЕУ (45 отсто) и Косово (42 отсто), но и покрај тоа таа е повисока во споредба со мислењето дека тие земји не треба да станат дел од европското семејство.

Бугарите, според истражувањето, ја сметаат за национален интерес европската интеграција на Западен Балкан. Половина од анкетираните сметаат дека Бугарија има интерес од приемот на Западен Балкан во ЕУ, а само 18 отсто имаат спротивно мислење.

Педесет и два процента од анкетираните сметаат дека приемот на земјите од регионот позитивно ќе се одрази на Бугарија.

Европската перспектива на Западниот Балкан следната деценија изгледа оптимистички според повеќето Бугари. Четириесет и три отсто сметаат дека земјите од регионот ќе бидат примени во ЕУ во следните десет години, а 18 отсто имаат спротивно мислење. Триесет и девет отсто, пак немаат одговор на ова прашање или не можат да дадат оценка.

Педесет и осум отсто од Бугарите сметаат дека Бугарија треба да им помага на земјите од Западен Балкан во нивниот влез во Унијата, а 45 отсто сметаат дека нивната земја нема капацитет тоа да го прави.

Анкетата е изработена во периодот од 2 до 10 мај на репрезентативен примерок од 1.009 лица, на возраст над 18 години.